ПРОБЛЕМИ ПРИ ВЛЕЗОТ ВО КИНА. ГРАНИЦИ И ОГРАНИЧУВАЊА
Непредвидената ситуација создадена врз нашите пионери Шуклев и Николов на граничниот премин Еренхот на монголско-кинеската граница доведоа до застој на нивното патување.
Ниту длабочините на Бајкалското Езеро, ниту екстремните климатски услови на пустината Гоби, како ни најголемото искушение на мажот-жената, не успееја да ја запрат двојката во Renault 4, колку човечкото ограничување и неговото буквалистичко спроведување на закони кои сè повеќе забораваат на човекот и неговата личност. Од видеото на нивната фан страна јасно се гледа огромната соработка на Шуклев и Николв со кинеските граничари, барајќи решение на „проблемот“. Тие дури предлагаат и да го остават сопственото возило и со воз да стигнат до Пекинг со што целосно би се нарушила првобитната замисла на нивната мисија. И додека Шуклев и Николов стојат во непознатото и нашата амбасада во Пекинг, која е во постојан контакт со тандемот, се обидува да изнајде решение, се повеќе се прашувам дали ваквите оспорувања кон зададената цел се дел од судбината на Македонецот или не?
Нормално, може да се одговори и потврдно и одречно. Во првиот случај би морале да се соочиме со вродената ни тврдоглавост, која прекрасно е изнесена во истоимениот роман на Славко Јаневски, и таквата да ја прифатиме и насочиме како конструктивна и обединувачка сила врз која би се надградувала нашата иднина. На тој начин од самоуништувачка особина би прераснала во препознатлив белег на нашиот народ. И како што Италијанците нè учат на bella vita, Французите на l'amour, Германците на квалитет, Англичаните на нивниот јазик, ние би го научиле светот на трпеливост и истрајност (добрите особини на тврдоглавоста). Во вториот случај пак, би согледале дека недоразбирања од наша страна нема, дури и се залагаме повеќе отколку што треба. Тогаш не би преостанувало ништо друго освен со смирение да ги водиме и надградуваме останатите и на пречките создадени од другите народи, кои заборавиле дека сме браќа, треба да им се укажува со љубов.
https://www.gevgelija.biz/mk/component/k2/351/problemi-pri-vlezot-vo-kina-granici-i-ogranicuvanja?jsn_mobilize_preview=1#sigProId272606d23c
Но, постои уште една карактеристика што наѕира од целава ситуација и која можеби најмногу нè издвојува како народ; желбата да се запознае другото, а со тоа неминовно и самите себеси. Оваа својственост на нашиов народ да запознава, да прифаќа, да се прилагодува ја согледуваме постојано во нашата блиска и далечна историја. Можеби тука се кријат и суштинските пречки на потфатот на Шуклев и Николов. И додека другите народи го гледаат светот како територија за освојување поставувајќи граници и ѕидини, ние го гледаме како место за наше постојано усовршување. За да се надминеме себеси треба да излеземе од сопственото јас.
Се надевам дека со ова патување, Шуклев и Николов ќе пренесат дел нашата прилагодливост и прифаќање кон другото.
Погледнете го видеото кое во живо беше пренесувано од профилот на Ѓорѓи Николов.
На следниoт линк можете да прочитате повеќе за оваа голема авантура на Шуклев и Николов и нивното патување од Стојаково до Пекинг.
Шуклев и Николов и нивното патување како по(т)сетување на минатото
Last modified on Петок, 26/07/2019