ЗА ГЕВГЕЛИЈА
Гевгелија со својата местоположба го зазема водечкото место во економскиот развој на регионот и токму заради тоа има значајна улога во бизнис климата и идните проекти на државата.
За оваа привилегираност на градот најдобро сведочи еден од неговите главни споменици, „Старата Локомотива“ која го олицетворува духот на модернизацијата и осовременувањето што сеуште претставува водечка сила на Гевгелија. Таа è географско-историски симбол што говори за посебното место на овој „град-станица“ како дел од познатите линии: Атина-Лондон на почетокот и Солун-Скопје-Белград подоцна. Таа è сведок на речиси 150 годишното преобразување на градот кој минува низ неколку периоди:
- кога за време на последните опстојувања на Отоманската Империја, Гевгелија è позната кај европските трговци по одгледувањето на свилената буба што воедно претставува примарна егзистенција на населението;
- кога за времето на двете Југославии (Кралска и СФРЈ), агроиндустријата, сообраќајот и трговијата се главни носители на стопанската активност;
- кога од осамостојувањето на државата до денес, освен по спомнатите гранки од стопанството, Гевгелија станува сè попозната по своите каректеристики на „resort city“ со што го добива епитетот „Македонскиот Лас Вегас“.
Денес „Старата Локомотива“ ја претставува насоката што води кон европска иднина и кон која се движи најотворениот и најгостопримливиот град во државата.
Исклучителноста на Гевгелија што ја прават толку атрактивна за домашните и странските инвеститори се состои од збир на фактори од географски, економски и културен карактер, на кои се придодава и постојаното вложување во модернизација на инфраструктурата со цел да се задоволат бараните стандарди.
Со својата местоположба и медитеранска клима претставува идеално место за развој на секаков вид на дејност од било која област.
Климатските карактеристики заедно со почвените се погодни за развој на органско агро-алиментарно производство. Гевгелиската котлина го зафаќа најјужниот дел од земјата по течението на реката Вардар и è испресечена со четири помали реки. Со своите 240 сончеви денови во текот на годината претставува плодна и богата почва за култивирање на разни градинарски видови и овошки, лозови насади и фуражни култури. Топлите минерални води кај Негорци, Прдејци и Смоквица се одличен предуслов за одржување на темпертаурата и создавање идеален амбиент во стаклени бавчи за време на зимската сезона, како и за развој на термалниот туризам за кој има сè поголем интерес. За ова посебно придонесува и близината со Дојранското Езеро, оддалечено на само 30 км., чии води богати со јод се препорачани за лечење на проблеми со синуси, бронхит, настинки како и зараснување на рани и изгореници. Стурктурата, пак на микрорејлефот кој преминува од рамнински во ридски и планиниски, богато со шуми и пасишта, дава услови за и развој на живинарството и сточарството.
Западно од градот почнуваат планинските венци на Кожуф и Пајак планина каде комбинацијата на медитеранското и континенталното влијание создаваат поссебна локална клима. Таа è погодна за разните видови на дивеч, некои од заштитен вид како дивата свиња, срната и мечката и други без заштита како куната, волкот, лисицата, јастребот кокошар и ситнииот дивеч како дивиот зајак, грлицата, повќето видови на гулаби и др. Флората на Кожуф è богата со лековити билки, додека од шумската вегетација посебно се издвојува ендемскиот вид на зимзелено дрво „Гол Човек“, чија црвеникава боја на кора е нежна како човечката кожа, по која всушност го добил и своето име. Овде, на висина од 2000 метри, се наоѓа еден од најелитните ски-центри чија изградба започнува во 2001 година кој располага со шестоседна жичара и скијачки патеки од 16 км. На 712 метри надморска височина пак се наоѓа туристичкоит локалитет „Смрдлива Вода“ познат по своите минерални извори, лековити за стомачни заболувања и заболувања на желудникот и бубрезите. Конска Река, која извира на 1520 метри надморска височина и позната во минатото по премивањето на злато, само го надополнува спектарот на атрактивно-рекреативни можности и развојот на повеќе видови туризам на овие простори.
Оддалеченоста на само 3км. од главниот граничен премин со Грција „Богородица-Евзони“ и на само 80 км. од Солунското пристаниште, како и обновениот автопат Е-75/коридор 10 придонесоа во создавање на услови градот да стане топ локација за инвестирање во последните две децении.
Изградбата и обновувањето на неколкуте казина и хотели со 5 ѕвезди како „Принцес“ и „ Фламинго“ сместени до самиот граничен премин и „Аполонија“ кој се наоѓа во центарот на градот, кој воедно è прв со такви размери, говорат за зголемента побарувачка на забавно-рекреативен живот. Тие воедно придонесуваат и во поддршката и организирањето на разни културно-уметнички средби и манифестации од локален и државен карактер. Разните ресторани и кафе барови кои нудат локални специјалитети и мениа по светски стандарди се причина Гевгелија да стане задолжителна „stop & go" станица за туристи на поминување особено за викендите. Зголемента посетеност паралено доведе и до зголемена понуда на третмани за нега и здравствени услуги по најсовремени стандарди, од кои посебно ги издвојуваме стоматолошките.
Интересот на Гевгелија како град во континуиран пораст, не застанува само на развојните аспекти од туристичко-рекреативените и ангро-индустриските области, туку продолжува и во полето на технолошките достигнувања. Така во пресрет на европските интеграции и стандарди, во близина на градот се направија првите сериозни чекори во државата во областа на обновливите енергии со изградбата на ветерниот парк „Богданци“.
Клучен и основен движечки фактор, сепак, остануваат самите граѓани кои со својата отвореност кон соработката и гостопримливост кон новодојдениот го исполнуваат таинственото значење на топонимот „Гевгелија“ , кој според легендите значи „ела назад“ во „место полно со сенки“.