Шуклев и Николов и нивното патување како по(т)сетување на минатото
Повеќе од јасно е дека истоимените Шуклев и Николов стануваат синоним за патување низ светот со олдтајмери.
Ако минатогодишната самоoрганизирана авантура „ Стојаково-Ница“ започна како фантазерски потфат во кој малкумина веруваа, а заврши како реален триумф, сè може да се очекува од овогодишната „Стојаково-Пекинг“. Сè нè наведува да помислиме дека ова е само почеток на една долга одисеја што секоја година ќе носи нови изненадувања. Се надеваме на тоа зашто имаме потреба од нови пионери кои создаваат волја и поттик за нешто поголемо од нашето секојдневие.
Всушност, така и се чувствуваме додека преку нивната фан-страница на фејсбук индиректно учествуваме, велејќи си: „ Еве сме со вас, не ве оставаме!“, односно сакаме да сме дел од овој генетски синџир кој се протега низ просторот и времето, што нè поврзува меѓусебно и кој го наследуваме од почетокот со сите можни прашања за нашето постоење. Уште на колку начини може да се открие овој свет, оваа планета, овој живот? Тандемот од Стојаково ни покажува дека и во техно-информатичкиот 21 век сеуште постојат неоткриени начини кои претставуваат неповторливо доживување.
Честопати од навика, брзина и редица на обврски и грижи забораваме што претставува едно патување, или поточно одење кон зададената цел. Шуклев и Николов сакајќи да го предизвикаат ова чувство изнаоѓаат уникатен начин кој за двајцата претставува поврзување со своите предци. За нив, чувството да се патува на начин како сопствените родители некогаш значи будење на спомени и враќање на една реалност каде сè е совршено-безгрижното детство. И самата реалност е прекрасен спој на соништа, желби и посакувања се додека не биде изобличена од заборавот за детството. Ете, Шуклев и Николов успеваат овој спомен да го продолжат, да го приближат и направат подостапен за нас. Во самиот избор на дестинацијата, возилото и начинот на кој да се реализира патувањето открива една посебна љубов и посветеност кон сопствената професија и тоа дека случајноста е доведена до минимум.
Желбата да се учествува на изложбата на олдтајмери во Ница ја раѓа идејата тоа да се направи на посебен начин пристгнувајќи таму со возило кое е повеќе од национала гордост, Рено 4. Арно ама потрагата по возилото што ќе одговара за пригодата станува невозможна мисија. Конечно по долго трагање во село Брајковци, на патот за Валандово, во гаражата на мајстор Ангел, го наоѓаат скриениот бисер. Разните преговарања имаат среќен завршеток каде самиот мајстор Ангел го предава возилото наменето за многу повисока цел во рацете на двајцата љубители. Следеле 2 месеци работа и 4000 евра потрошени за реставрирање на возилото од страна на мајстор Владо и неговиот сервисен тим. И ете Рено 4-ката е подготвено за првото пробно возење кое се прави на релација Гевгелија-Тетово и назад. По ова се отфрла секој сомнеж и довербата и надежта во возилото и замислата се комплетни.
https://www.gevgelija.biz/mk/shuklev-nikolov/shuklev-i-nikolov-i-nivnoto-patuvanje-kako-potsetuvanje-na-minatoto?jsn_mobilize_preview=1%2F%2F%2F#sigProIda60ae9b1f8
Изборот да се присуствува на ваков настан со возило произведено од самата земја рековме не е случаен. Производството на Рено 4 кое започнува во 1961 година и трае до 1994 година, опфаќа повеќе земји меѓу кои и една од поранешната југословенска федерација-Словенија. Се раѓа како економично возило кое треба да ги задоволи потребите на што поголем број на луѓе и кое треба да функционира на разни патишта и во разни услови. Односно претставувал спој на фармерска и градска кола која би ја возеле и мажи и жени. Ова било прво возило на автомобилската куќа со погон на предните тркала и посебно внимание се посветува на амортизацијата. Иако со сиромашниот дизајн и грубата каросерија не предизвикало внимание, изненадило веднаш со својата комфорност и доверливост во управувањето. Набргу се јавува голема побарувачка и почнува да се произведува масовно, за денес да биде едно од најпопуларните и најпродаваните возила во светот. Во 1978 година по разни еволуции Рено се збогатува со моделот R4 GTL, моделот на Шуклев и Николов e TL 850 кој е продолжение на серијата, со мотор на Clèon-Fonte C1E од 1108 цм3 со 34CV. Доаѓаат и неколку естетски и практични измени како на пример подвижните задни прозорци кои дотогаш биле фиксни. Малкумина знаат дека пред да започне производството моделот доживува тригодишно тестирање од екипата на Louis Buty и со 2 милиони поминати километри во разни климатски услови ги допираат сите точки на светот. Овде се гледа длабокото познавање на автомобилската историја до страна на Шуклев и Николов кои одлучуваат возејќи, да го донесат возилото на место кое е само 200 км. оддалечено од местото каде за прв пат, пред 56 години, е претставено на јавноста. Со тоа докажуваат дека квалитетот и љубовта ги надминуваат сите временски граници. Нормално, воодушевувањето на тамошната публика било огромно, колку за гордоста на нивниот производ толку и за храброста на двајцата за ваков подвиг во денешно време. Да напоменеме дека покрај разните предвидливи проблеми постојат и непредвидли околности како срушувањето на дел од мостот Моранди во Џенова, кое ги затекнува на самото патување па мора да прават измени на планот.
По триумфалното враќање и пречекот од согрѓани, амбасадори и министри и заслужениот одмор, во 2019 година се спремаат за нов подвиг. Овој пат одлучуваат да тргнат по стапките на мајка Тереза „Од Стојаково до Индија“. Еве, пак необична комбинација на нешта кои не изгледаат случајност. Ова патување би претставувало еден своевиден аџилак запознавајќи нè со личност од ова поднебје кое ги надминало секојдневните ограничувања. Дел од нашето детство се и француските комедии со инспектор Кришо каде честопати се гледаат сцени на калуѓерки во Рено 4. Можеби Шуклев и Николов сакаат повторно да ни спомнат за безгрижното минато. Заради немирите избувнати во меѓувреме помеѓу Пакистан и Индија овој проект е откажан засега. Ова не ја обесхрабрува страсната двојка, туку за брзо време наоѓаат нова дестинација-Пекинг, односно Кинескиот Ѕид.
Оваа огромна конструкција која по новите премерувања е долга 8.853 км. со висини кои варираат, е една долга серија на ѕидини во денешна Кина. Нејзиното градење започнува во 215 година пред Христа како одбранбен систем од непријателски напади и трае се до 17 век. Денес е едно од седумте модерни светски чуда. Наречена со разни имиња и изградена од разни династии сведочи за тоа што може еден народ да направи кога работи како заедница. Гледајќи ја исцртаната траекторија на патувањето и споредувајќи ја со линијата на Кинескиот Ѕид не може да се избегнат афинитетите. Во една од изјавите на Шуклев и Николов се вели дека минуваат низ места кај што има „наши“. Дали ова нивно патување е и утврдување на нашите вредности и кога сме надвор од роденото место? Дали овој подвиг сака да нè разбуди нас, заспани гасеници, да создаваме материјал за одржување на ткаенината наречена знаме? Или е потсетување дека и гевгелискиот регион даде свој дел во историјата на свилата?
Како и да е умешноста на Шуклев и Николов да комбинираат минати и сегашни елементи во единствено патување постојано го скокоткаат нашето размислување. Во нив ја согледуваме романтичната идеја за откривање на нови светови, нови нешта чија кулминација ја достигнува во делата на уште еден Французин-Жил Верн, но без да се заборави дека сме и одредени личности родени под одредено поднебје, без разлика каде и да одиме. Со своето патување тие не само што откриваат туку и нè откриваат нас како народ кој навистина треба да се гордее со својот придонес во целокупната човечка историја.
Подвигот на Шуклев и Николов докажува како самостоен проект може да доживее глобален успех кога е започнат со љубов и посветеност. Ако минатата година ги фрлија основите на својата замисла, со овогодишното патување создаваат историја. Очекуваме да нè водат во многубројни авантури.
Gevgelija.Biz под слоганот „Кога локалното е малку“ со гордост се приклучува на нивната замисла давајќи им целосна поддршка.
Автор В. Ѓоргиев
https://www.gevgelija.biz/mk/shuklev-nikolov/shuklev-i-nikolov-i-nivnoto-patuvanje-kako-potsetuvanje-na-minatoto?jsn_mobilize_preview=1%2F%2F%2F#sigProId4ca53bed91
©Gevgelija.biz Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини од оваа страница НЕ е дозволено без согласност од тимот на Gevgelija.biz
Last modified on Петок, 26/07/2019