ВО БИТОЛА ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА НА СКУЛПТУРИ „ЗА ПОСЛУШНОСТА“

ВО БИТОЛА ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА НА СКУЛПТУРИ „ЗА ПОСЛУШНОСТА“

На 20 јули 2024 во просториите на Друштвото на ликовни уметници од Битола беше отворена ликовната изложба „За Послушноста“ на авторот Перо Кованцалиев. Изложбата ја составуваат дваесетина минијатурни акумулации од ушни школки со асоцијативни форми изведени во бронза, алуминиум и полиестер.

Изложбата ја отвори претседателот на ДЛУБ, Васко Ѓоргиев кој меѓу другото рече дека авторот за своите дела симболично го зема увото како основен елемент. Послушноста е врската која балансира помеѓу редот и хаосот, помеѓу страстите и рационалноста. Со оваа изложба авторот го разгледува она човеково однесување на кое се должи формирањето на секое негово групирање без  кое не би преживеела ниедна социјална структура.

 

Исто така на отворањето присуствуваше и  се обрати проф. д-р Васко Шутаров познат колумнист, дипломат и универзитетски професор. Современиот македонски скулптор м-р Перо Кованцалиев, преку композициите од акумулирани ушни школки, поставени во различни формации од концептот „За Послушноста“, е во потрага по изгубениот јавен наратив за рамнотежата помеѓу послушноста и непослушноста, во потрага по тој толку потребен баланс и премин низ кој послушноста се облагородува во творечка самодисциплина, а непослушноста во слобода на мислата и креативниот чин.

Перо Кованцалиев е мултидисциплинарен уметник чие творештво е насочено да  потикнува промени за одржлив развој. Работи низ скулптура, ликовната инсталација, кинетика, видео и фотографија, сликарство и експерименталниот цртеж.

Има реализирано над десетина самостојни изложби и учествувано на многубројни групни изложби. Дипломирал и магистрирал на факултет за ликовни уметности во Скопје. Работи како самостоен ликовен исто така работи и во областа на маркетингот и заштита на културното наследство.

 

Изложбата ќе биде отворена до 4 август.

ГАЛЕРИЈА

 
Read 784 times

Last modified on Понеделник, 22/07/2024

Era cosmetics by Elena Risteska

Era cosmetics by Elena Risteska

Go to top