ДО ЦЕЛТА И НАЗАД
Освојувањето на Кинескиот Ѕид од страна на Шуклев и Николов ни докажува дека реализацијата на големи подвизи секогаш претставува еден склоп на заедничко работење.
Кога една цел е благородна тогаш се надминуваат и природните и човечките препреки, а видовме дека и со радост учествуваат и помагаат и другите народи. Чудна историја оваа на Кинескиот Ѕид, граден низ вековите од повеќе династии за да спречи разни инвазии, а денес секојдневно освојуван од туристи.
Човекот во своето минато и сегашност постојано гради ѕидови претежно да се заштити од напади на луѓето и природата. Речиси и не постои поголем град без своите бедеми, куќа без ѕидови, компјутер без firewall, човек без заштитен механизам. Носечки, преградни, оградни и потпорни ѕидови. Кинески, Берлински, Ѕид на плачот, на срамот, ѕидот на facebook, звучен ѕид, планински појас. Ѕидот оневозможува надворешното да влезе внатре но, го спречува и внатрешното да излезе. Ѕидот станува место на кое светлината си игра и на кое човекот, преку букви и слики, ја исповеда своја вера.
Шуклев и Николов излегоа од локалните ѕидини, надминаа растојанија, нè обединија за кратко и ја запишаа својата авантура во најдолговечниот ѕид во човечката историја. Кинескиот Ѕид беше допрен за кратко со светлината од нашето сонце, различна од онаа на изгревот сеуште кршлива и од онаа на залезот која исчезнува. Светлина која стои високо на средина и ти се чини вечна, која не создава ни привиденија ниту сенки туку ги обликува нештата какви што се. Не може да се заобиколи ваквата светлина и не секој може да опстои во неа. Таквата светлина ја носиме кај и да одиме .
Им благодариме на Шуклев и Николов што нè потсетуваат на тоа.
автор В. Ѓоргиев
©Gevgelija.biz Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини од оваа страница НЕ е дозволено без согласност од тимот на Gevgelija.biz
Last modified on Петок, 26/07/2019