Во населеното место Серменин продолжуваат градежните активности на проектот за реконструкција на старото училиште и изградба на еко вело патека, што се реализира со поддршка на Интеррег VI-A Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија 2021–2027, финансирана од Европската Унија.
Во рамките на тековната фаза од работите се изведува промена на кровната конструкција и поставување на серклаж, со што се создаваат предуслови за стабилност и понатамошна адаптација на објектот. По завршувањето на оваа фаза ќе следува уредување на внатрешниот дел и фасадата, со цел старото училиште да добие целосно нов, модерен изглед.
Од Општина Гевгелија информираат дека активностите се одвиваат согласно предвидената динамика и дека проектот претставува значаен чекор во насока на оживување на населеното место и подобрување на квалитетот на живот на жителите.
„Со секој ваков проект се зајакнува локалниот развој и се создаваат подобри услови за живот, рекреација и туризам во руралните средини,“ порачуваат од Општината.
Паралелно со градежните работи на старото училиште, се подготвува и трасата за изградба на новата еко вело патека, која ќе го поврзува училиштето со манастирот „Св. Илија“, отворајќи нови можности за развој на активен и одржлив туризам.
Проектот е финансиран од ЕУ преку Интеррег VI A Програма за прекугранична соработка помеѓу Р.Бугарија и Р.С.Македонија 2021-2027
