Во рамките на програмата „Гевгелија – Град на културата 2025“, на 2 октомври (четврток), со почеток во 19:00 часот, во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена самостојна изложба на уметникот Горан Боев со наслов „Од спомени до боја“.
Овој циклус на дела претставува интимно патување низ личните сеќавања и животни траги на авторот, преточени во живописни бои и форми. Боев не ја користи уметноста само како техника, туку како начин на самоистражување и искрен израз на својата душевност. Секое платно носи емоција – било да е тоа портрет или сцена со наратив – и станува прозорец кон свет полн со чувства, сомнежи и надежи.
Како што истакнува историчарот на уметност Трајче Цветков, „Секоја слика на Боев е искрен приказ на неговиот внатрешен свет, автентична приказна што им овозможува на посетителите да го почувствуваат уметникот како личност. Неговото творештво е патување кон самоспознавање и дијалог со љубителите на уметноста“.
Изложбата претставува можност публиката да се доближи до интимната уметничка визија на Боев и да ја доживее уметноста како огледало на човечката душа.
Настанот е во организација на Дом на култура „Македонија“ – Гевгелија, во соработка со Музеј Галерија – Кавадарци и Националната установа Музеј – Гевгелија.
Биографија на авторот
Горан Боев е роден во 1982 година во Кавадарци. Средното образование го завршува во ДСУПУ „Лазар Личеноски“ во Скопје, а во 2005 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности, во класата на проф. Благоја Маневски. Постдипломските студии ги завршува под менторство на проф. Симон Шемов.
Од 2007 до 2011 година е асистент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет на Р. Македонија, а потоа кратко предава и во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци. Од 2011 до 2017 година работи како зограф иконописец во манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски. Денес е наставник по ликовно образование во ООУ „Димката Ангелов – Габерот“ во Кавадарци.
Боев е добитник на повеќе признанија, меѓу кои „Почесен граѓанин на Кавадарци“ и наградата „Франк Манинг“ за најдобар студент (2004). Зад себе има десетина самостојни изложби и учество на бројни групни изложби во земјата и странство.