Утре, 19-ти јануари (понеделник), во Гевгелија ќе се одбележи големиот христијански празник Богојавление – Водици, со богослужбена и свечена програма во градските цркви.
Според најавата од црковните настојателства, Светата божествена литургија ќе започне во 08:30 часот, по што ќе следува Голем богојавленски водосвет од 10:30 часот, во градските цркви.
Во рамки на одбележувањето на празникот, црковните настојателства при црквата „Свети Кирил и Методиј“ и манастирот „Свети Спас“ упатуваат покана за учество на традиционалното 33-то пливање по Чесниот и Свет Крст во Гевгелија.
Пливањето по Чесниот крст ќе се одржи во 12:00 часот, кај Стариот мост на реката Вардар.
Од црковните настојателства информираат дека сите учесници кои ќе земат дел во пливањето задолжително треба претходно да се пријават во една од двете цркви, во периодот од 16-ти до 18-ти јануари.
Богојавление – Водици е празник со длабоко духовно значење за православните верници, а традиционалното пливање по Чесниот крст претставува настан кој секоја година собира голем број граѓани во центарот на Гевгелија.