Во салата на Народниот театар- Гевгелија настапи градскиот мешан хор „Вардар“, под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска Каро, Публиката во Гевгелија имаше можност да ужива во дел од богатиот и разновиден репертоар на хорот што опфаќа хорски композиции од различни музички жанрови, периоди и композитори.
Хорот постои 25 години и има добиено повеќе признанија и награди во Македонија и надвор од неа. Формиран е на иницијатива на сениорите од Академскиот хор „Мирче Ацев“ заедно со маестро Драган Шуплевски. Името е земено од најстариот хор кој бил формиран во Скопје во 1907 година.
Она што е интересно за гевгелиската публика е податокот дека од формирањето на овој хор, во 2000 година, па се до 2015. негов диригент е нашиот сограѓанин Илија Атанасов.
Концертот беше дел од јубилејната турнеја „Од Вардар за Вардар“, организирана по повод 25 години од постоењето на хорот. Турнејата симболично го следи течението на реката Вардар- од Гостивар, преку Велес и Градско, па сега и до Гевгелија, како четврта станица на ова музичко патување низ Македонија.
