Во среда, 11 март 2026 година, со почеток од 19:00 часот, во Народен театар – Гевгелија ќе се одржи премиерата на долгометражниот игран филм „Соучесници“, по сценарио на Огњен Обрадовиќ, а во режија на Марко Новаковиќ.
Станува збор за копродукциски филм реализиран помеѓу Зилион Филм од Србија, Партизанс од Македонија и Интер Филм од Хрватска, а пред гевгелиската публика ќе биде прикажан утревечер во редовен термин.
Претпродажбата на билети започна вчера, на 9 март (понеделник), а билетите се достапни по цена од 150 денари во просториите на Народен театар – Гевгелија, како и непосредно пред почетокот на проекцијата.
„Соучесници“ е психолошка и социјална драма која ја следи промената во животот на главните ликови по една сообраќајна несреќа. Нивниот дотогашен мирен и идиличен живот се нарушува, а додека се обидуваат да се соочат со последиците, чувството на вина и сопствената совест постепено ја менуваат нивната врска и ги вовлекуваат во низа неочекувани настани.
Продуцент на филмот е Лазар Ристовски од Зилион Филм, додека копродуценти се Роберт Насков од Партизанс и Иван Малоча од Интер Филм. Зад визуелниот и техничкиот изглед на филмот стои силна авторска и продукциска екипа: директор на фотографија е Бојан Ракиќ, монтажер Петар Шумоња, сценограф Ирена Марјанов, костимограф Снежана Карл, маскер Нина Илиќ, а музиката за филмот ја потпишува Владимир Пејковиќ. Дизајнот на звук е дело на Велибор Хајдуковиќ и Небојша Зориќ, а во постпродукцијата на звукот учествувал и Игор Поповски.
Во главните улоги настапуваат Невена Неранџиќ и Радован Вујовиќ, а во актерската екипа се и Аница Добра, Даница Ристовски, Зоран Цвијановиќ, Милица Јаневски, Златан Видовиќ, Анита Огњановиќ и Јован Белобрковиќ.
Посебно внимание привлекува и регионалната актерска поставa, во која се вклучени пет истакнати актери од повеќе земји од регионот: Сара Климоска од Македонија, Стојан Матавуљ и Хана Јапунџиќ од Хрватска, Факета Салихбеговиќ-Авдагиќ од Босна и Херцеговина и Петар Новаковиќ од Црна Гора.
Љубителите на филмската уметност во Гевгелија утре ќе имаат можност да проследат ново остварување кое носи силна драмска приказна, сериозна актерска екипа и копродукциски печат од регионот.