Во хотел „Аполонија“ се одржа концертот „Гевгелиски музички таленти“. Публиката имаше можност да ги слушне младите музичари, поранешни ученици во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, и кои денес продолжуваат да се усовршуваат во средни музички училишта и факултети ширум земјата.
Настапот го отвори Викторија Каракабакова, која со својата виолина ги донесе „Сарабанда“ од Јохан Себастијан Бах и „Пициката полка“ од Лео Делиб.
Сања Миленковиќ, на пијано ја пренесе длабочината и комплексноста на „Прелудиум во d-moll“ од Сергеј Рахмањинов, како и виртуозните линии од „Етида опус 25 број 5“ на Фредерик Шопен. Виолинистката Емилија Николoвска настапи со првиот став од Концертот за виолина од Феликс Менделсон.
Љубица Улиш на пијано го изведе првиот став од „Сонатата“ на Муцио Клементи , Софија Јакимова ја интерпретираше „Елегија“ од Д. Џаконовски-Шпато, додека Мими Дучева на пијано ги изведе „Ноктурно опус 9 број 1“ од Фредерик Шопен, „Думка опус 59“ од Петар Илич Чајковски и „Етида- слика опус 39 број 5“ од Сергеј Рахмањинов.
Настанот беше организиран од ЗГ „Музички моменти“ како дел од активностите за одбележување на 25-годишниот јубилеј на Здружението и активна работа во афирмација на музичката дејност, со поддршка од Општина Гевгелија во склоп на Програмата за културни активности за 2025 година и манифестацијата „Град на култура за 2025“.
